По два мандати на чело на партијата, од 2013 година досега, Заев првпат излегува на непосредни избори, на кои право на учество има целото членство
Премиерот Зоран Заев денеска ја поднел кандидатурата за претседател на СДСМ, како што информира и на својот фејсбук профил.
На првите непосредни внатрепартиски избори за претседател на партијата, закажани за 21 март, Заев, како што најави, ќе им ја претстави на сопартијците својата програма насловена „Нова политика – СДСМ прв во промените“.
Од 2008 година досега, Заев три пати беше избиран на чело на СДСМ. Првиот пат беше избран за в.д, претседател – функција што ја извршуваше до завршувањето на претседателскот мандат на Бранко Црвенковски и неговото враќање на чело на СДСМ, во 2009 година. По локалните избори во 2013 година, Заев, во конкуренција со уште двајца кандидати (Кире Наумов и Зоран Јовановски), победи во трката за лидер, на редовниот партиски конгрес. На следниот редовен конгрес – во 2017 година, Заев беше реизбран на чело на СДСМ, во период кога јасно се наѕираше смената на власта во земјава. Тогаш Заев немаше противкандидати.
На последниот конгрес на СДСМ, во октомври минатата година, беа донесени статутарни измени со кои се овозможува претседателот на СДСМ да се избира на непосредни внатрепартиски избори.
Носителите на другите партиски функции засега останува да се избираат на конгрес, преку делегати. На конгрес, и овој пат ќе се изберат новите членови на Централниот и на Надзорниот одбор на СДСМ, како и заменик-претседателот на партијата – позиција што првпат беше воведена во 2013 година и досега, во овие два мандати, ја извршуваше Радмила Шекеринска.