Барањето било поднесено поради опасност од бегство, а решението на судот за домашен притвор било испратени до МВР во 18:30 часот
Обвинителството за организиран криминал вчера околу 15 часот го доставило до Кривичниот суд во Скопје барањето за притвор за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, за предметот „Таргет-Тврдина“, поради опасност од бегство. За неколку часа, Судот донел одлука за домашен притвор и веќе кај 18:30 часот решението било испратено до МВР, кое и денеска трага по Мијалков.
Кривичниот суд во Скопје се јави претпладнево со соопштение за тоа како течела постапката за одредување куќен притвор на ексдиректорот на УБК, пред пресудата за предметот кој се однесува на масовното нелегално прислушување. Соопштението го пренесуваме во целост:
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера (21.2.2021) во 15:00 часот до Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка притвор против С.М. обвинет во предметот со КОК бр. 47/17 од обвинителството означен како ‘Таргет-Тврдина’, заради постоење сомнение за евентуално бегство.
Откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид итноста на постапката, иако Судот законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решение со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24-часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежно за понатамошно постапување.
Против ова решение странките имаат право на жалба преку овој суд до Апелацискиот суд Скопје во рок од 24 часа.
Во однос на сите медиумски прашања, Судот во текот на вчерашниот ден, имајќи ја предвид итноста на постапувањето и почитувајќи ги надлежностите на јавниот обвинител и МВР, не ги коментираше шпекулациите и непотврдените информации во однос на постапката со цел на ѝ наштети на истата, за што бараме разбирање од новинарите“,
се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд – Скопје.