СДСМ достави до Собранието предлог со измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кои се иницира промена на одредбите за застарување на кривичните дела сторени со злоупотреба на службената положба и овластување, особено од страна на избрани и именувани лица. За пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ првично овој предлог е прифатлив, но и тие ќе предложат во законскиот текст да се вметнат одредби кои би предвидувале и аболирани лица да не можат да бидат избрани на раководни функции и да нема амнестија за високи функционери.
Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, кој се јавува како подносител, вели дека на ваков чекор бил поттикнат по застарувањето на едно од делата за кое се гони поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Траекторија“.
„Поради истекување на рокот од шест години без правосилна судска пресуда и настапување апсолутна застареност за кривичното дело во ‘Траекторија’, од кривична одговорност се спаси симболот на криминогеното политичко подземје за време на неговото владеење Никола Груевски. Тоа беше капката што ја прелеа чашата на неправдата и што од сите нас побара соодветна реакција“,
рече Кирацовски на прес-конференцијата во Собранието.
Со законските измени се предлага периодот на апсолутна застареност да се зголеми за една третина од моментно пропишаниот рок.
Тоа значи дека доколку биде прифатено ова законско решение, апсолутното застарување на кривичното гонење ќе настапи кога ќе помине период три пати подолг од пропишаната казна за тоа дело.
„Дополнително, во законот би се додал нов став, кој предвидува дека доколку пред истекот на роковите за застареност е донесена првостепена пресуда, застареноста на првичната пресуда ќе се продолжи за уште две години“, објаснува Кирацовски.
Целта на ваквите измени, според него, е да се спречи злоупотреба на институтот апсолутна застареност на сметка на владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес.
Кирацовски очекува измените на ова законско решение да бидат прифатени од сите 120 пратеници бидејќи се јавен интерес.
Опозицијата првично е согласна
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави дека не го виделе текстот за измени на Кривичниот законик предложен од нивниот колега Кирацовски во делот на заострување на времетраењето за застарување на кривичните дела, особено за избрани и именувани лица, но оти првично за нив е прифатливо вакво законско решение.
„Во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ прв столб е владеење на правото и нулта корупција. Ова законско решение ВМРО-ДПМНЕ ќе го разгледа сериозно, но и ќе проба да го подобри, да се внесат одредени работи – да се испитува потекло на имот, да не застаруваат дела на функционери и високи политичари и да не можат аболицирани лица да бидат избрани на високи и раководни позиции, да нема амнестија за високи функционери. Тоа се некои од основните постулати што ВМРО-ДПМНЕ ги ветуваше“,
вели Мицевски.
Најголем број забелешки во извештаите што Република Северна Македонија ги добива од меѓународните партнери се однесуваат токму на оваа сфера, односно на владеењето на правото, оддолжување и застарување на постапките и неселективна правда.
Според статистиката на застарени предмети, најчесто застаруваат делата од триесеттата глава од Кривичниот законик – кривични дела за злоупотреба на службената должност, односно оние чии последици најмногу се рефлектираат врз државата.
Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, во јуни 2019 година, во врска со обвинувањето од Специјалното јавно обвинителство дека нивните предмети во Кривичен суд траат предолго поради одложувањето на рочиштата, рече дека статистиката покажува оти одложувањата најчесто се поради отсуство на некој од обвинетите или адвокатите кои не се присутни поради друго судење.
Започнувањето на предметите од почеток се случило кај четири предмети, кај еден од нив поради промена на еден од судските поротници, а во трите случаи поради тоа што во рок од 90 дена не бил одржан претрес. Промена на судски поротник имало во случајот „Тортура“, а претрес во рок од 90 дена немало во „Трезор“, „Насилство во Општина Центар“ и „Тендери“.
Сапуницата ТНТ
Предлог-измените што ги поднесува Кирацовски доаѓаат во период кога случаите што ги отвори СЈО се соочија не само со застарувања туку и со одолговлекување на постапките и нивно враќање на почеток. Со таков ризик сега се соочуваат и случајот ТНТ и уште четири други предмети бидејќи Судскиот совет на седница закажана за 27 јануари треба да одлучува дали поротничката чиј мандат е поминат ќе продолжи да биде дел од судечкиот совет во овие предмети или ќе замине во пензија.
Повеќе за случајот ТНТ прочитајте ТУКА.
Но пред Кирацовски, иницијатива за промени во Кривичниот законик најави и судијата Владимир Туфегчиќ од Основниот кривичен суд. Тој предлага наместо судењата да се враќаат на почеток, кога ќе има нов член во судечки совет, тој на посебна седница да се запознае со предметот и потоа судењето да продолжи онаму каде што застанало.
*поврзана вест
И случајот „Еразмус“ се враќа на почеток, поротник заминува на печалба во Германија