Пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ денеска поднесе измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кои ќе се зголеми рокот на застареност на кривични дела сторени со злоупотреба на службената положба и овластување, особено од страна на избрани и именувани лица.
„Со законските измени се предлага периодот на апсолутна застареност да се зголеми за една третина од моментно пропишаниот рок. Тоа значи дека доколку биде прифатено ова законско решение, апсолутното застарување на кривичното гонење ќе настапи кога ќе помине период трипати подолг од пропишаната казна за тоа дело. Дополнително, во законот би се додал нов став кој предвидува доколку пред истекот на роковите за застареност е донесена првостепена пресуда, застареноста на првичната пресуда ќе се продолжи за уште две години“, рече Кирацовски на прес-конференција во Собранието.
Според него, со овој предлог ќе се спречи злоупотреба на институтот апсолутна застареност на сметка на владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес.
„Ова законско решение треба и се надевам дека ќе биде прифатено од сите 120 пратеници“, рече Кирацовски повикувајќи ги и пратениците од опозицијата да ги поддржат измените, кои како што нагласи се јавен интерес.
Кирацовски рече дека ветил оти ќе иницира измени на Кривичниот законик по веста дека застаре делото за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Траекторија“, кој се однесува на автопатиштата.
Тој се обратил до сите пратенички групи и за предлог-законскиот текст најавува јавна расправа. Кирацовски смета дека предлогот ќе биде само иницијална каписла за да се отворат сите можни предизвици и проблеми со Кривичниот законик и потребите во судството и за неказнивоста на сите оние што се огрешиле пред законот.
Предлог-измените што ги поднесува Кирацовски доаѓаат во период кога случаите што ги отвори СЈО се соочија не само со застарувања туку и со одолговлекување на постапките и нивно враќање на почеток. Со таков ризик сега се соочуваат и случајот ТНТ и уште четири други предмети бидејќи Судскиот совет треба да одлучува дали поротничката чиј мандат е поминат ќе продолжи да биде дел од судечкиот совет во овие предмети или ќе замине во пензија.
Ако Судскиот совет одлучи дека таа повеќе не може да биде поротничка, ќе дојде до промена на судечкиот совет, а во таков случај Законот за кривична постапка (ЗКП) налага судењето да се врати на почеток.
Судијата Владимир Туфегчиќ од Основниот кривичен суд покрена иницијатива за промена на ваквите одредби на ЗКП со кои предлага наместо судењата да се враќаат на почеток, кога ќе има нов член во судечки совет, тој на посебна седница да се запознае со предметот и потоа судењето да продолжи онаму каде што застанало.