„Астра Зенека“ и ЕУ дојдоа во судир неделава, откако Унијата изрази незадоволство поради доцнењето на испораката на дозите
Европската агенција за лекови (ЕМА) ја препорача вакцината против ковид-19 на компанијата „АстраЗенека“ за употреба во ЕУ.
Од ЕМА посочуваат дека вакцината ќе ја примаат луѓе повозрасни од 18 години, дека е ефикасна 60 проценти и се дава во две дози во период од четири до 12 недели.
Ова е трета вакцина против ковид-19, која ЕМА условно ја препорачува за употреба на територијата на ЕУ.
„Со ова трето позитивно мислење, ние дополнително го проширивме арсеналот на вакцини кои им се достапни на земјите-членки на ЕУ во борба против пандемијата и заштита на нејзините граѓани“,
изјави извршниот директор на ЕМА, Емер Кук.
ЕМА наведува дека студиите покажале 59,5 проценти намалување на бројот на симптоматски случаи кај луѓе која ја примиле оваа вакцина.
Повеќето учесници во овие студии биле на возраст меѓу 18 и 55 години и дека се уште нема доволно резултати за ефикасноста на вакцината кај лица повозрасни од 55 години.
„Астра Зенека“ и ЕУ дојдоа во судир неделава, откако Унијата изрази незадоволство поради доцнењето на испораката на дозите, бидејќи очекувала до крајот на март да добие 80 милиони дози, но сега очекува само 31 милион.
Извршниот директор на компанијата Паскал Сорао, во интервју за италијански весник рече дека иако немаат договорна обврска, компанијата се согласила да даде сѐ од себе и да ја снабди ЕУ со својата вакцина. Тој ја обвини Унијата дека иако направила нарачка многу подоцна, очекувала да добие дози истовремено кога и Британија.