За лицата кои веќе имаат прележано ковид-19 вели дека засега е препорака да не се вакцинираат
Подготвен и поставен е системот за вакцинација во однос на складирањето, дистрибуцијата и идентификувањето на критичните групи според приоритет, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
Во очекување на првите дози на вакцини преку Ковакс – механизмот, што треба да стигнат во февруари, Филипче, во гостувањето на вестите на Сител, подетално го објасни планот за вакцинација.
„Направен е тој план. Тоа се три групи – во првата се лекарите, медицинските сестри, здравствените работници кои работат со ковид-пациенти, вработените во лабораториите. Потоа, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години кои имаат коморбидитети“,
рече Филипче.
Во втората група, најави, се другите здравствени работници, вработени во критична инфраструктура – наставници, вработени во градинки, новинари. Понатаму, според приоритетите, треба да се заштитат ипациенти од другите возрасни групи кои имаат хронични болести.
Додаде дека целосно се подготвени и здравствените домови и центрите за јавно здравје ширум државата за да ги преземат и да ги аплицираат вакцините по овој редослед.
За лицата кои веќе имаат прележано ковид-19 вели дека засега препорака е да не се вакцинираат.
„Ги следиме порепораките и трендовите, гледаме какви промени се случуваат за некои препораки, во согласност со политиката на производителите. Но засега нема потреба тие лица кои прележале да бидат вакцинирани“,
истакна министерот.
Тој додаде оти претходно тие лица ќе треба да ги проверат своите параметри во однос на тоа дали прележале, но и за тоа, вели, ќе има пристап за критичните групи кои ќе треба да се вакцинираат.
Во врска со воведувањето на т.н. ковид-пасоши, Филипче рече дека нема консензус во ЕУ за тоа дали треба или не треба да го има и оти дискусиите по тоа прашање течат како во Европската комисија, така и во Светската здравствена организација.
„Засега нема консензус по тоа прашање, но не значи дека ние не треба да размислуваме. Секој кој ќе биде вакциниран ќе добие соодветен документ од соодветната здравствена институција. Ние ќе бидеме подготвени со таква форма на сертификат“,
рече Филипче.
Во однос на пристигнувањето на вакцините и дали се доцни, министерот вели дека уште на почетокот кажале дека вакцинацијата ќе почне во февруари или во март и оти реагирале и комуницирале навремено по сите три механизми за набавка на вакцини.
Вели дека земјава има услови за складирање и дистрибуција на вакцините и оти од СЗО е оценета како подготвена по тоа прашање.
Стигнаа и фрижидерите што беа најавувани како донација. Еден фрижидер може да собере 100 000 дози на вакцини. Значи имаме сосема доволно капацитети , а и од Ковакс-механизмот најавија дека во февруари ќе стигнат тие вакцини за кои ние направивме уплата и обезбедивме соодветна гаранција“,
рече Филипче.
Тој додаде дека добро одат и преговорите со „Фајзер“ за набавка и испорака на оваа вакцина, вклучувајќи ги аспектите на постапката за набавка што треба да се спроведе, како и аспекти на регистрација на вакцината во земјава.
„Во овој момент се разговара со сите земји во регионот, така што за кратко време ќе го склучиме договорот и резервирани се дозите со таа динамика како што од „Фајзер“ беше најавено: 5 850 дози во февруари, 17500 во март и април. Меѓутоа, гледаме дека тоа е едно прашање што е на некој начин проблематично и за сите земји во Европа. Сите земји и од ЕУ добија значајно помалку од тоа што беше планирано и тоа е причината зошто тој трет механизам на солидарност на некој начин доцни“,
рече Филипче.
Во врска со најавата на премиерот Зоран Заев за можна набавка на 200 000 кинески вакцини, Филипче рече дека нашиот комитет за имунизација одлучил да даде приоритет на вакцината која е одобрена од ЕМА и ФДА.
„Тоа се сепак значајни тела на контрола на целокупниот процес на давање на вакцината, на клиничките студии. Тоа не значи дека вакцините кои го немаат поминато тој процес не се безбедни, но ние дадовме приоритет токму таа вакцина што ги заокружува сите процеси“,
рече Филипче.