Според Секретаријатот за европски прашања, претставници на ЕК ја поздравиле Северна Македонија за навремената подготовка на Националниот план за вакцинација против ковид-19, како и за изготвување стандардни оперативни процедури
На иницијатива од Европската комисија, попладнево е одржан видеосостанок за сите важни аспекти за мерките што ЕУ ги презема за обезбедување вакцини за земјите од Западниот Балкан, соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување, Геновева Луиз Калавера, во своето воведно обраќање информирала дека, и покрај сериозниот недостиг на расположливи дози и за самите земји членки, Европската комисија останува посветена на обезбедување вакцини за земјите од регионот.
Како што велат од СЕП, таа информирала дека ЕК ги завршила подготовките за пренасочување 70 милиони евра ИПА-средства за набавка, за што во наредните три до четири недели до надлежните власти од земјите на Западен Балкан ќе бидат доставени грант договори за покривање на трошоците за вакцините, опрема и потрошен материјал.
Како претставник на нашата Влада, на состанокот учествувала државната секретарка на СЕП Калинка Габер, која информирала за состојбите, преземените и планираните активности, како и за националните потреби за успешно спроведување на вакцинацијата против коронавирусот.
„Северна Македонија беше поздравена за навремената подготовка на Националниот план за вакцинација против ковид-19, како и за изготвување стандардни оперативни процедури за прием, ракување, складирање и дистрибуција на вакцините“,
информира Секретаријатот за европски прашања.