Уставниот суд на Косово ја урна владата на премиерот Авдулах Хоти со што ја испрати земјава на нови избори кои треба да се одржат во период од 40 дена.
Ваква информација вечерва објавија дел од косовските медиуми повикувајќи се на извори од судот. Дел од медиумите, пак, потенцираат дека Уставен сè уште не се огласил официјално.
Порталот „Телеграф“, пренесува дека од движењето Самоопределување на Курти изјавиле дека немаат официјални информации од Уставниот суд, но претставници на оваа партија веќе почнуваат да споделуваат фотографии на кои пишува „Албин Курти, премиер на Република Косово“.
Иницијативата до Уставен суд ја поднесе токму Курти, а причината е тоа што за формирање на новата владата предводена од Хоти, гласал пратеникот Етем Арифи, кој лани во август бил правосилно осуден за измама на 1 година и 3 месеци затвор.
Според Уставот на Косово, мандатот на пратеник се поништува ако тој е правосилно осуден на една или повеќе години затвор. Меѓутоа, и покрај тоа Арифи на 3 јуни годинава учествувал и гласал на седницата на косовскиот парламент за избор на владата на Хоти. Пратеникот, претходно во март гласал и за соборување на владата предводена од Курти.
Како падна претходната владата на Курти?
Владата предводена од Албин Курти беше изгласана на 2 февруари годинава. Тој како лидер на движењето Самоопределување ја формираше во коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа. Меѓутоа, таа не траеше ниту два месеци.
Љубовта помеѓу двете партии пукна откако Курти на 18 март 2020 го разреши министерот за внатрешни работи од редовите на ЛДК, Агим Велиу, затоа што, според образложението, бил против владините ставови со тоа што во телевизиско интервју го поддржал барањето на тогашниот претседател на државата, Хашим Тачи, за прогласување вонредна состојба и изјавил дека заразата се шири од час во час.
По разрешувањето на Велиу, ЛДК до косовското Собрание поднесе барање за свикување вонредна седница за гласање доверба на Владата, за што доби поддршка од опозициските партии.
Претходно, пак, имаше и други разидувања помеѓу дотогашните коалициски партнери. Едно од прашањата каде имаа различни ставови беа и таксите кои ги воведе владата на Рамуш Харадинај кон Србија. САД бараа од владата на Курти наеднаш да ги укине, но тој не се согласуваше со тоа туку започна со постепено намалување. Партијата на Мустафа, пак, се залагаше да се испочитуваат барањата на САД.
По речиси два месеци од соборувањето на владата на Курти, на 3 јуни беше изгласана нова влада предводена од Хоти, кој е од редовите на ЛДК.