Во пандемијата со коронавирусот Косово остана без Влада, јавуваат косовските медиуми.
Косовскиот парламент предмалку изгласа недоверба на Владата на премиерот Албин Курти со 82 гласа „за“, 32 „против“ и 1 „воздржан“. Присутни во салата биле 117 пратеници.
Владата на Курти не издржа ниту два месеци. Беше изгласана на 2 февруари, а дел од неа, како министер за евроинтеграции беше и Блерим Река, кој беше кандидат за претседател на Северна Македонија на последните избори.
Албин Курти, како лидер на движењето Самоопределување (ВВ) ја формираше владата во коалиција со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа.
Љубовта помеѓу двете партии пукна откако Курти на 18 март го разреши министерот за внатрешни работи од редовите на ЛДК, Агим Велиу, затоа што, според образложението, бил против владините ставови со тоа што во телевизиско интервју го поддржал барањето на претседателот на државата, Хашим Тачи, за прогласување вонредна состојба и изјавил дека заразата се шири од час во час.
По разрешувањето на Велиу, ЛДК поднесе до Собранието барање за свикување вонредна седница за гласање доверба на Владата, за што доби поддршка од опозициските партии.
Меѓутоа, ова не е единственото разидување на ставовите помеѓу двете партии. Едно од прашањата беа и таксите кои ги воведе владата на Рамуш Харадинај кон Србија. САД бараа од оваа влада наеднаш да ги укине таксите, но Курти не се согласуваше со тоа туку започна со постепено намалување. Партијата на Мустафа, пак, се залагаше да се испочитуваат барањата на САД.
Одржувањето на седницата за недоверба на косовската влада предизвика и несогласувања помеѓу САД и ЕУ. Унијата беше против нејзино одржување во време на кризата со коронавирусот, додека САД на гласањето гледаа како на почитување на Уставот.
На самата седница, пак, Курти во своето обраќање рече дека вистинската намера за смена на Владата која тој ја води е да се овозможи постигнување договор за размена на територии меѓу Косово и Србија.
„Уверен сум дека моторот на ова брзање нема врска со министерот (Велиу), ниту со наводното повлекување на американските трупи, туку, ни помалку ни повеќе, со еден готов договор за размена на територии. За реализирање на ова пазарење на претседателите потребно е да се урне владата. Пазарот со оваа влада која јас ја водам не може да се реализира“,
порача Курти.
Инаку, владата која до денеска ја предводеше тој, беше составена од 15 министри и 33 заменици-министри. Со ова Курти донесе значително намалување во бројот на високите функционери во Косово со оглед на тоа што претходната влада имаше 23 министри и околу 80 заменици-министри.