Владата на денешната седница одлучила да му препорача на Јавното обвинителство во рок од 30 дена да склучи вонсудски спогодби со вработените во СЈО, кои имаа проблем да си ги добијат платите и покренаа тужби.
Овде не станува збор за јавните обвинители, бидејќи тие беа вратени на работа во матичните обвинителства, туку за речиси 100 јавнообвинителските службеници и други вработени во СЈО.
Спогодбата која ја предлага Владата, предвидува дека вработените ќе се согласат дека со платите за декември 2019, јануари, февруари и март 2020, кои ги добија по присилен пат преку УЈП, ги оствариле своите права од работен однос за добивање плати и надоместоци. Од друга страна, пак, Јавното обвинителство ќе се согласи од неговата сметка да им изврши исплата на плати и други надоместоци за месеците април, мај и јуни 2020.
„Со склучувањето на вонсудската спогодба јавнообвинителскиот службеник и лицето вработено во СЈО се откажува од камати или било какви други надоместоци и трошоци во каква било постапка и се обврзуваат да ги повлечат тужбите по основ на плати, камати и други надоместоци“,
објаснуваат од Владата.
За да се оствари оваа спогодба, Владата ќе префрли 13 350 000 денари (околу 217 000 евра) на сметката на Јавното обвинителство.
Во случај да не дојде во спогодба за 30 дена, од Владата му препорачуваат на Јавното обвинителство да го извести државниот правобранител.
Проблемот со платите на вработените во СЈО се јави откако Катица Јанева си поднесе оставка и со тоа оваа институција остана без овластен потписник бидејќи таа беше единствената која имаше овластувања да потпишува за исплата на плати.
Во текот на вонредната состојба Владата донесе Уредба со која на вработените им се исплаќаат заостанатите плати и се намируваат долговите, но потоа таа беше поништена од Уставниот суд.