Околу сто вработени што останаа во СЈО денеска алармираат преку соопштение дека им се кршат правата со тоа што не може да ја добијат декемвриската плата и немаат здравствено осигурување, а најавуваат и дека ќе поднесат тужби и кривични пријави за одговорните лица и институциите кои им го прекршиле ваквото право.
По оставката, а потоа и апсењето на Катица Јанева оваа институција остана без овластен потписник бидејќи таа беше единствената овластена да потпишува за исплата на плати. За октомври и ноември 2019 година тие успеале да ги добијат платите со присилно извршување преку УЈП, но тоа не можат да го направат и за декемвриската плата. Тоа е така, како што потсетуваат, бидејќи кога се носеше буџетот за 2020 година пратениците едногласно на Комисијата за финансирање и буџет усвоија амандман со кој парите кои требало да бидат за оваа институција се пренаменија и се адресираа на сметката на Државната изборна комисија (ДИК) за предвремените парламентарни избори.
„Поради фактот што во буџетот на СЈО за 2020 година предвидени се финансиски средства само на ставката за плати, која огласно образложението на Министерството за финансии е изземена од присилно извршување, не постои можност за присилна наплата на платите на вработените лица, што е апсурдна ситуација – да не може присилно да се изврши исплата на плати од ставката за плати од буџетот на СЈО“,
објаснуваат од СЈО.
Тие веќе имале средба со претставници на Министерството за финансии, а планираат да се видат и со републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Апелираат надлежните институции во најбрз рок да го решат проблемот во интерес на вработените кои не по своја вина се ставени во незавидна ситуација.
„Во спротивно, вработените ќе поднесат тужби за неисплатени плати, но и кривични пријави за одговорните лица и институции поради незаконската пренамена на буџетските средства за СЈО“,
порачуваат вработените.
Станува збор за вработени во администрацијата, истражители, техничките служби. Обвинителите, пак, повеќе не се дел од СЈО бидејќи во септември лани со одлука на Советот на јавни обвинители тие беа вратени во матичните обвинителства – таму каде што работеа пред да влезат во тимот на Јанева.