„Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност. Во свет во којшто сме сведоци на поделби, нетрпеливост и отуѓување, вредностите на Јом Кипур се повик за човечност, достоинство и заемно почитување“, се вели во пораката на претседателката на државата до Еврејската заедница во земјава
Нашата човечка големина не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка, да се преиспитаме, да побараме прошка и да најдеме сила да простиме. Ова го вели претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во пораката упатена до претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, и до сите нејзини припадници по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур.

„Дозволете ми, Вам, лично, како и на сите припадници на Еврејската заедница во Македонија на чие чело сте, со длабока почит кон Јом Кипур, да ви упатам искрени желби за духовен мир, здравје и благосостојба!“
се наведува во пораката од Сиљановска-Давкова, соопштија од нејзиниот кабинет.
Како што пишува таа, Јом Кипур, најсветиот и највозвишениот празник во еврејската духовна традиција, е празник на тишината и молитвата, на постот и преиспитувањето, на покајанието и простувањето.
На овој ден, вели претседателката, човекот се повлекува од секојдневната врева и со искрено и смирено срце се соочува со сопствената совест, со своите постапки и со одговорноста што ја има кон ближниот, семејството и кон заедницата.
„Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност. Во свет во којшто сме сведоци на поделби, нетрпеливост и отуѓување, вредностите на Јом Кипур се повик за човечност, достоинство и заемно почитување“,
се вели во пораката на претседателката на државата до Еврејската заедница во земјава.
На крајот, таа до нејзините претставници порачува македонското општество заеднички да го градиме како место во кое секој човек слободно и достоинствено ќе ја живее својата вера, традиција и културен идентитет, а различностите ќе бидат мостови на разбирање, а не линии на поделба.
