На предлог на надлежниот јавен обвинител, на двајца од осомничените веќе им е определена мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа, додека не се приберат сите докази. По останатите двајца осомничени во моментот се трага, а мерката притвор за нив ќе започне да важи веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против четири лица поради основано сомнение за извршено продолжено кривично дело тешка кражба. Според првичните проценки, групата со кражбите направила материјална штета од околу 15 000 000 денари односно околу 250 илјади евра.
Осомничените, како што велат од Обвинителството, дејствувале во периодот од април до септември годинава, провалувајќи во повеќе од 10 куќи во села во Општина Боговиње. Од домовите одзеле пари, златен накит, како и различен вид огнено оружје кое сопствениците го поседувале со дозвола. При една од кражбите во селото Палчиште осомничените успеале да извлечат и однесат метален сеф со тежина од околу 400 килограми.
На предлог на надлежниот јавен обвинител, на двајца од осомничените веќе им е определена мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа, додека не се приберат сите докази. По останатите двајца осомничени во моментот се трага, а мерката притвор за нив ќе започне да важи веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Од Обвинителството велат дека интензивно се постапува за обезбедување докази за сите настани.
