Неџип Вренези со потекло од струшкото село Велешта беше убиен во центарот на австриската престолнина додека се движел по улиците на Бермудскиот Триаголник
Австрија и Северна Македонија изгубија чесен, работлив и лојален граѓанин, порачаа министерот за надворешни работи Бујар Османи и австрискиот амбасадор Георг Вутсас по денешната посета на роднините на Неџип Вренези, кој пред неполн месец настрада во терористичкиот напад во Виена.
Тероризмот, го оценија како опасна закана од која никој и никаде не е заштитен.

„Исто како и извршителите, и жртвите можат да бидат од каде било, со какво било потекло и на кое било место. Сите ние сме на некој начин жртва на оваа закана, сите сме потенцијална мета, и затоа мора заеднички да се спротивставиме и да се одбраниме од ова зло“,
истакна Османи.
Тој посочи дека е во постојан контакт со австрискиот амбасадор, уверувајќи дека двете земји имаат целосна доверба, блиска и ефикасна соработка на сите полиња, од безбедноста, информативна се до политичка соработка.
На новинарско прашање за австрискиот амбасадор Вутсас дека по нападите, македонските државјани се непожелни во Австрија, тој нагласи дека се работи за радикализирани индивидуалци и оти нема колективна вина за тоа.
„Ќе го цитирам премиерот Курц, ние не го вперуваме прстот во одредена нација, кон мигрантите, кон припадници на одредена религија. Ова се индивидуалци кои се радикализирани. Точно овој пример дека терористот доаѓа од оваа земја, но исто така и жртва доаѓа од оваа земја, така што не можеме да обвиниме една група. Нема колективна вина, туку индивидуална. И ова е исто така европска вредност, дека има индивидуална одговорност, а не обвинување за една група. Тоа не е фер и би било неевропски“,
истакна австрискиот амбасадор.
Неџип Вренези е со потекло од струшкото село Велешта, а бил роден во Виена. Момчето, на возраст од 21 година, беше убиено во центарот на австриската престолнина додека се движел по улиците на Бермудскиот Триаголник.
Останатите три жртви од нападот, како што објави австриската полиција беа Австријец (39 години), Австријка (44) и Германец (24).
Во нападите, од страна на полицијата, пак, беше убиен напаѓачот Кјутим Фејзулаи, роден во Модлинг, Австрија, а по потекло од Северна Македонија.
Подоцна, покрај него, беше соопштено дека на списокот на австриската полиција во рамки на истрагата, кој преку Европол го пратила до нашето МВР заедно со барањето за соработка, имало уште две момчиња, родени во Австрија, а кои имале и македонско државјанство.
