Нормално е да се бара да се надмине антибугарската реторика, особено во последните неколку недели. Тие треба да имаат храброст да го сторат ова, не затоа што тоа е бугарска позиција, туку затоа што одговара на историската вистина, вели бугарскиот европратеник
Надворешните фактори, како што се Белград и Москва, како и „пројугословенската елита со носталгија кон Тито“, не дозволуваат Бугарија да биде најблиску до С Македонија и двете земји да имаат односи како Германија и Австрија, Грција и Кипар, Романија и Молдавија…, оцени, во изјава за БТВ, бугарскиот европратеник од редовите на владејачката ГЕРБ Андреј Ковачев.
Зборувајќи за С Македонија, Ковачев рече дека не е европски да се поддржуваат манипулациите и лагите.
„Ние сакаме полноправно членство во Европската Унија за сите земји од Западен Балкан. Ова беше главната работа во нашето претседателство. Ние мора да ја надминеме омразата што беше изградена за време на тоталитарниот режим. Нормално е да се бара да се надмине антибугарската реторика, особено во последните неколку недели. Тие треба да имаат храброст да го сторат ова, не затоа што тоа е бугарска позиција, туку затоа што одговара на историската вистина“,
рече Ковачев.
Според истражувањето на „Алфа Рисрч“, што го побарал европратеникот, 84% од Бугарите велат дека треба да има разговори за членство на Македонија во ЕУ, но само кога земјата ќе ги надминела историските манипулации и ќе се постигнел договор за фактите од историското минато на Бугарија. Истражувањето покажало дека 10,2% од Бугарите сметаат дека Бугарија треба да ја поддржи Македонија за ЕУ, без оглед на нејзиниот однос кон фактите за историското минато на Бугарија.
