Ако има потреба, Градот Скопје е подготвен да им помогне на жителите на Измир, порача скопскиот градоначалник Петре Шилегов по силниот земјотрес во кој загинаа најмалку четири лица, а стотици се повредени.
„Само што ја добивме веста дека градот Измир, Република Турција и неколку грчки острови се погодени од силен земјотрес. Скопје и скопјани длабоко сочувствуваат со сите луѓе погодени од оваа природна непогода. Скопје, како град на солидарноста, е подготвен да им помогне на жителите на градот Измир и на сите населени места да ги ублажат последиците од катастрофата, доколку има потреба од тоа“,
напиша Шилегов на Фејсбук.
Земјотресот со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала, кој се случи во отворени води во Егејско Море, кај местото Сеферхисар во Измир, разурна најмалку 20 згради.
Во тек е спасувачка акција на луѓето што се заглавени под урнатините.
Потресот се почувствувал и во Грција, а особено е погоден островот Самос.