Четириесет и седумгодишен маж е уапсен поради сомневање дека е поврзан со напаѓачот што вчера уби тројца, а повреди неколкумина во Ница, објави француската телевизија БФМ.
Мажот е осомничен дека бил во контакт со напаѓачот еден ден пред нападот.
Напаѓачот пак е 21-годишен Тунижанец по име Брахим Ауисауи, јави дописникот на МИА. Тој не е барател на азил во Франција, а во Европа пристигнал преку италијанскиот остров Лампедуза на крајот на септември, односно пред околу еден месец.
Сепак, според француските медиуми, судски извори засега не можат официјално да го потврдат неговиот идентитет. Истражителите во моментот имале само документ на италијанскиот Црвен крст, кој одговара на идентитетот на Брахим Ауисауи.
Како што е познато, момчето беше приведено набргу по нападот.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан испрати порака за мир кон муслиманскиот свет, нагласувајќи дека Франција е земја на толеранција, а не на презир или одбивање.
„Не слушајте ги гласовите на оние што сакаат да предизвикаат недоверба. Да не бидеме заробени во инцидентите на малцинството на манипулатори“,
изјави тој за време на разгледувањето на буџетот на неговото министерство во националното собрание.
Макрон претходно го осуди нападот во кој загинаа три лица, нарекувајќи го „исламистички терористички напад“. Обраќајќи се од местото на трагедијата, тој рече дека Франција е нападната преку нејзините вредности, преку чувството на слобода и нагласи дека во Франција се негува слободата на верување.