На состанок на Претседателството на ПЕС, како што соопштија од СДСМ, се разговарало и за потребата првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на годинава
Советот на ЕУ, најдоцна до 10 ноември, да ги усвои преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија, за до крајот на годинава да може да се одржи и првата меѓувладина конференција, што за двете земји ќе значи почеток на преговорите за членство.
Со вакво барање настапува Претседателството на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), откако на денешниот видеосостанок усвои заедничка изјава која се однесува на нашата земја и на Албанија.
„Претседателството на ПЕС го повикува Советот на ЕУ да ги усвои преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, без одлагање и не подоцна од 10 ноември, и да овозможи првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ да се одржи пред крајот на 2020 година”,
се наведува во заедничката изјава.

На денешниот видеосостанок учествувала и Радмила Шекеринска, како заменик-претседателка на СДСМ, кој е дел од ПЕС.
„На состанокот, Северна Македонија доби силна поддршка на патот кон ЕУ. Претседателството на ПЕС дискутираше за потребата од што побрзо воспоставување на преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ, при што беа поддржани и апелите на Владата на Северна Македонија во таа насока“,
соопштија од СДСМ.