По завршувањето на 10. состанок, копретседателите на македонско-бугарската комисија за историски прашања нагласија дека тие не преговараат, туку дека разговаараат на експертско ниво
Не е постигнат напредок во однос на Гоце Делчев, иако на маса биле поставени и нови идеи околу неговиот лик и дело. Мал напредок е постигнат во однос на учебниците во делот на средновековието. За Свети Кирил и Методиј е постигната согласност дека се сесловенски и христијански просветители…
Тоа е накусо исходот од десеттата средба меѓу македонските и бугарските историчари, кои по два дена разговори во Скопје закажале нова средба до крајот на годината во Софија, а наредната година би се одржале уште пет состаноци.
„Има мали стапки поместување кон напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Би замолил за трпение и за поголема ематија, и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите“,
рече копретседавачот на комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев.
Неговиот колега од Бугарија Ангел Димитров рече дека воопшто не станало збор за македонскиот јазик, бидејќи, како што нагласи, тоа е е тема за која треба да разговараат лингвистите.
„Идентитетот на Гоце Делчев го определува тој самиот, а не ние. Тоа е неговото, семејство, образование…Ние не одлучуваме за тоа“,
рече Димитров, по што Ѓоргиев забележа дека тоа е одстанува главниот проблем поради што не може да се постигне конечензаклучок во однос на Делчев.
Копретседателите на македонско-бугарската комисија нагласија дека тие не преговараат, туку дека разговаараат на експертско ниво, врз основа на факти и аргументи, додека политичарите, како што рекоа, си имаат свој пат.
Комисијата заседаваше по пауза од речиси една година, а како причина за беше наведена пандемијата со ковид-19, но и предизборието во земјава.
Од македонскиот тим, во најавата за десеттиот состанок, напоменаа дека, покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани, со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи.
Овој состанок се одржа во атмосфера на повторно напнати релации меѓу двете земји, особено откако Софија постави ново условување во однос евроинтеграцискиот процес, преку појаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на Унијата.