Единаесетгодишното момче со церебрална парализа, кое беше оставен од родителите, почина на 6 октомври во мал групен дом
Министерството за труд и социјална работа нема информации кои се причините за смртта на 11 годишниот Илче од Охрид, кој беше напуштен од своите родители и оставен кај соседите.
Министерката Јагода Шахпаска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Министерството сѐ уште ги нема добиено резултатите од обдукцијата на телото на детето со церебрална парализа, кое беше најдено во запуштена состојба.
„Беше иницирана обдукција, тоа е завршено и кога ќе ги имаме резултатите ќе знаеме која е вистинската причина за смртта“,
изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по посетата на мал групен дом во Скопје.
Шахпаска вели дека Министерството за труд и социјална политика му обезбедило здравствена грижа и сместување во мал групен дом. Таа посочи дека смртта била ненадејна, бидејќи во групниот дом здравствената состојба му била добра.
„Се потрудивме да му овозможиме услови да биде пристојно сместен и да добие соодветна заштита и грижа по престојот на Клиниката за детски болести, каде што тој беше сместен две недели, а од 7 август беше сместен во Демир Капија во мал групен дом. Тој во малиот групен дом постојано бил под надзор од матичен лекар и имал постојана здравствена заштита по излегувањето од болница. За време на престојот во домот неговата здравствена состојба била добра. Денот кога Илче починал, негувателката која се грижела кога видела дека наеднаш починал, повикала матичен лекар кој, пак, се јавил во полиција. Вклучен е и јавен обвинител и институциите постапуваат согласно закон“,
вели Шахпанска.
Приказната за момчето со церебрална парализа се актуелизираше во медиумите откако претходно беше пронајдено како целосно запуштено живее само во исклучително лоши услови во Охрид.
Откако момчето почина, од Основното јавно обвинителство Кавадарци соопштија дека во координација со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи, извршиле увид во семејна единица во село Корешница, Демир Капија, и дека телото е дадено на обдукција.