Почина малиот Илче, момчето од Охрид, кое беше напуштено од своите родители и оставено кај соседите да се грижат за него.
Приказната за момчето со церебрална парализа се актуелизираше во медиумите откако на Фејсбук граѓани споделуваа информации дека родителите го напуштиле и детето останало во куќа со човек што не можел да се грижи за неговата состојба. Потоа, момчето беше префрлено во мал групен дом.
Од Основното јавно обвинителство Кавадарци соопштија дека во координација со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи, извршиле увид во семејна единица во село Корешница, Демир Капија, каде што синоќа почина 11-годишното дете, штитеник на Специјалниот завод во Демир Капија.
„Починатото момче беше згрижено во семеен дом пред еден месец откако претходно беше пронајдено како целосно запуштено живее само во исклучително лоши услови во Охрид. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото дете, во насока на откривање на причините за настанатата смрт“,
соопштува Обвинителството.