Здружението на новинарите на Македонија изразува сомнеж за сериозна злоупотреба на медиумите на сметка на лично богатење на поединци. Настаните поврзани со 1ТВ, односно неформалниот сопственик Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој е првоосомничен во случајот „Рекет“, од ЗНМ велат дека претставуваат и удар врз репутацијата на професионалното новинарство. Здружението предупредува дека новинарите и медиумските работници вработени во оваа телевизија поради овој скандал може да останат на улица, а тоа негативно да се одрази и на севкупниот пазар на трудот во медиумскиот сектор. Затоа, оттаму велат мора итно спроведување на ветените медиумски реформи.
„Оваа состојба нека биде последен аларм за итно спроведување на најавените и ветени реформи во медиумската сфера, но и во вкупниот медиумски бизнис, преку неопходен мониторинг во однос на начинот на кој медиумите се финансираат и во однос на сопствеништвото. Ги повикуваме Владата и опозицијата, преку Парламентот да најдат механизам за итно деблокирање на собраниските процедури преку кои треба да продолжат реформите важни за нашата медиумска сфера. Потенцираме и потсетуваме дека се пробиени сите рокови за екипирање на програмскиот совет на МРТ и на Советот на ААВМУ. Тоа беа предуслови што треба да водат кон конечно креирање на амбиент во кој приватните медиуми, како и јавниот сервис ќе можат да функционираат независно, во интерес на јавноста“,
пишува во реакцијата на ЗНМ.
Оттаму ја повикуваат Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да спроведе итен вонреден надзор со цел да се утврди дали телевизијата 1ТВ ги има прекршено одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Бараме од Основното јавно обвинителство во Скопје како и од надлежните институции со брза и ефикасна истрага да придонесат да се оттргне сомнежот во јавноста дека институциите делуваат селективно и не работат во интерес на граѓаните. Брза правна разрешница на случајот ќе биде многу значајна и за иднината на вработените новинари и медиумски работници во 1ТВ“,
се вели во соопштението.