Директорот на Центарот за јавно здравје, Арбен Зибери, во вечерашното гостување на Топ тема, рече дека земјава е лидер на Балканот со досега направени 10 илјади тестови за ковид-19.
„Земјава е лидер на Балканот по однос на тестирањето ако се земат предвид Хрватска, Албанија, Бугарија, Србија. Само Словенија е пред нас, а со Хрватска имаме речиси иста бројка. Околу 3.000 тестови имаме направено само во Скопје, а 10.000 вкупно во државата, што не е малку на милион жители. Не сум убеден дека бројките од Бугарија се релевантни. Со Албанија сме тука со бројот на жители, но тие имаат 4.000 тестови“,
рече Зибери.
Во однос на прашањето кој е принципот на правањето тестови, директорот е дециден дека се оди по протокол што важи за сите пациенти. Притоа, не може да се каже дека тестот е 100 отсто точен или сигурен, но се покажа дека грешките се минимални.
„Секој се тестира вторпат откако ќе поминат 14 дена од првото тестирање. За излечен, пак, се смета оној што ќе даде негативен резултат на двата теста кои се прават последователно во рок од 48 часа. Ова е протокол кој се однесува на сите“,
рече Зибери.
Тој вели дека според расположливите податоци, периодов 17.000 лица се водени како пациенти заболени од сезонски грип.
„Ќе дојде време кога ќе се направат анализи дали коронавирусот бил присутен кај нас уште во јануари, односно пред пандемијата. Сега е приоритет да се помине актуелната алармантна ситуација, а потоа ќе се направат по сеопфатни анализи“,
рече Зибери.