Ние направивме економска цена за тестот (3 950 денари), бидејќи преговаравме или нудевме да влеземе под Фондот за здравствено осигурување, за пациентите да не плаќаат за овие тестови. Но, сето тоа се развлекуваше и до ден-денеска не влеговме во мрежата на Фондот, вели Жан Митрев
Цената на тестот е зголемена и во лабораторијата „Биотек“
Доктор Жан Митрев во синоќешното гостување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5 го правдаше поскапувањето на молекуларните тестови за ковид-19 од 1 500 на 3 950 денари со зголемените трошоци. Тој вели дека цената од 1 500 била формирана во јануари во поинакви услови на пазарот од кој ги набавувале реагенсите за тестирањето.
„Како што секојдневно се менуваше ситуацијата така и цените почнаа да растат рапидно. По една недела или две, она што го набавуваме веќе беше два, три дури и до четири пати поскапо од претходно, но цените ги оставивме исти“,
вели Митрев.
Негодувањето на јавноста за ценовниот скок го пренасочува кон Фондот за здравствено осигурување, прашувајќи зошто тие не учествуваат во плаќањето на тестовите.
„Ние направивме економска цена, бидејќи во целиот тој период преговаравме или нудевме да влеземе под Фондот, за пациентите да не плаќаат за овие тестови, што е и добро, сите светски препораки беа што повеќе да се тестира. Но, сето тоа се развлекуваше и до ден-денеска не влеговме во мрежата за по онаа економска цена која Фондот ја имаше формирано од 3 900 денари. Ние сега моравме да направиме економска цена од 3 900 денари за да ги покриваме трошоците бидејќи се вработени дополнителен број луѓе“,
изјави Митрев.
Идентична промена во цената освен кај клиниката „Жан Митрев“ има и кај лабораторијата „Биотек“. На телефонскиот број за закажување на тестирање за ковид-19 ни рекоа дека новата цена е од минатата недела, но не обезбедивме објаснување на што се должи тоа.
Непроменети се цените во болницата „Аџибадем Систина“. Брзиот серолошки тест за детекција на антитела е 1 200 денари, додека молекуларниот тест за присуство на ковид-19 е како и претходно, 3 600 денари.