„Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен“, се наведува во реакцијата од клиниката „Жан Митрев“ на прифатеното обвинение за кое денеска информира Основниот кривичен суд Скопје
По соопштението на Основниот кривичен суд Скопје дека во целост е прифатено обвинението против докторот Жан Митрев од клиниката, која исто така е опфатена со обвинителниот акт, преку писмен допис до медиумите истакнаа дека очекуваат јавен и транспарентен процес низ кој ќе ја докажат, како што велат, нивната невиност.

„Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен“,
се наведува во реакцијата од клиниката „Жан Митрев“ на прифатеното обвинение.
Од клиниката посочуваат дека за време на ковид-пандемијата таа и нејзиниот персонал одиграле херојска улога, а „овој срам и напади што ги доживуваме нека им служат на чест на нарачателите“.
Хемофилтрацијата како метод, тврдат оттаму, ја користеле за лекување на последици од ковид, но не и како лек за ковид.
„Бесмислени се наводите на ЈО во Обвинителниот акт. Уште еднаш потенцираме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според сите меѓународни стандарди, транспарентно и во согласност со утврдени и дозволени методи за лекување. Сето ова ќе го докажеме и на суд, а сметаме дека јавноста целосно не поддржува и пред нејзе нашата правичност е јасна“,
велат од Клиниката.
Покрај информацијата дека е прифатено обвинението, од скопскиот Кривичен суд денеска го соопштија и датум за кога е закажано првото рочиште – 28 февруари.
Како што информираа оттаму, предметот се паднал кај судијката Лидија Петровска, која има речиси десетгодишно искуство во Судот, односно за судијка е избрана во август 2013 година.
Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 10 јануари 2023. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.
Предметот на обвинението е прикривање на клучните факти за хемофилтрацијата, односно методот бил прикажуван на недозволен начин, како алтернатива за лекување од ковид. Тоа Митрев го правел и преку многубројни медиумски настапи кои ќе бидат дел од доказите.
„Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата ‘Бакстер’ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интензивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“,
рекоа од ОЈО кога го поднесоа обвинението.
Третманот на ковид-пациенти во клиниката „Жан Митрев“ одекна во јавноста во јули, мината година, кога на оваа тема Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец под наслов „Нечиста крв“, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.