Случајот се паднал кај Лидија Петровска, која е избрана за судијка во август 2013 година
Основниот кривичен суд Скопје во целост го прифати обвинението против докторот Жан Митрев и против истоимената клиника.
Од судот соопштија дека веќе е одреден и датум за првото судското рочиште – 28 февруари 2023 година.
„Ценејќи ги сите приложени факти и аргументи на странките, донесе решени со кое актот го одобри во целост. По одобрениот обвинител акт, оформен е кривично правен предмет со К.бр. 349/23 кој согласно АКМИС е распределен кај судија на понатамошно постапување и насрочен е термин за главна расправа на 28.02.2023 година во 09:30 часот за што ќе бидат испратени покани до странките“,
соопштија од Кривичен.
Според информациите оттаму, случајот се паднал кај судијката Лидија Петровска, која има речиси десетгодишно искуство во Судот, односно избрана е за судијка во август 2013 година.
Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 10 јануари 2023. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.
Предметот на обвинението е прикривање на клучните факти за хемофилтрацијата, односно методот бил прикажуван онака како што не смее, дека е алтернатива за лекување од ковид, а всушност не е така. Тоа Митрев го правел и преку многубројни медиумски настапи кои ќе бидат дел од доказите.
„Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата ‘Бакстер’ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интензивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“,
рекоа од ОЈО кога го поднесоа обвинението.
Жан Митрев, пак, уверува дека е невин и тврди дека не бил измамен ниту еден пациент.
Како одговор на поднесеното обвинение од ОЈО Скопје пред околу еден месец, тој порача: „Се гледаме на суд“.
„Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО. Повторуваме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лекување, кај нас и во светот. Со ова ќе ја докажеме вистината и фактичката состојба, за нашата работа дека сè што беше направено во клиниката ’Жан Митрев‘, беше направено за пациентите и според дозволени методи и стандарди на лекување“,
наведе тој во писмената реакција.
Третманот на ковид-пациенти во клиниката „Жан Митрев“ ја бранува јавноста од јули минатата година, кога на оваа тема Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец под наслов „Нечиста крв“, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.