Од приватната клиника сметаат дека обвинението ќе падне на суд бидејќи тврдат дека работеле транспарентно и во интерес на пациентите, како и со сите дозволени методи на лекување
Се гледаме на суд, порача Жан Митрев откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинение против него и неговата клиника за кривичното дело измама, а во врска со употребата на хемофилтрација кај ковид-пациенти.
Митрев и во денешната реакција обвинува за неосновани напади и тврди дека не бил измамен ниту еден пациент.
„Се гледаме на суд е нашиот одговор на денешната одлука на Основното јавно обвинителство да се гони д-р Жан Митрев за измама. Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО. Повторуваме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лекување, кај нас и во светот. Со ова ќе ја докажеме вистината и фактичката состојба, за нашата работа дека сè што беше направено во клиниката ‘Жан Митрев’, беше направено за пациентите и според дозволени методи и стандарди на лекување“,
пишува во реакцијата објавена на веб-страницата на приватната клиника.
Досега, велат оттаму, целосно соработувале со институциите и биле транспарентни за вистината да излезе во јавноста и да се докаже дека нивната цел отсекогаш била да лекуваат и да им даваат најдобра нега на пациентите. Така, порачуваат, ќе остане и во иднина.
Од ОЈО Скопје денеска соопштија дека против докторот Жан Митрев е поднесен обвинителен акт за делото измама според член 247, став 4 од Кривичниот законик за што се заканува затворска казна од 1 до 10 години. За клиниката како правно лице, пак, поднесен е обвинителен предлог и на неа ѝ се заканува парична казна.
Обвинителството смета дека Митрев ги доведувал во заблуда пациентите и нивните семејства прикажувајќи ја хемофилтрацијата како алтернативен начин за лекување од ковид-19 иако не смеел тоа да го прави бидејќи овој метод има ограничена употреба.
„Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од ковид-19, притоа користејќи ја здравствената криза предизвикана од пандемијата. Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата ‘Бакстер’ и било издадено овластување за вонредна употреба на ‘Оксирис сетот’ (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интензивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“,
велат од ОЈО Скопје.
Покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па затоа обвинителството наведува дека Митрев не смеел овој метод да го како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од ковид-19.
Во обвинителството 283 луѓе се пријавиле дека се чувствуваат измамени од клиниката и од Жан Митрев, а според пресметките од нив биле наплатени вкупно 97 461 600 денари (1,5 милиони евра) за хемофилтрации.