Во Србија во последните 24 часа евидентирани се 4 500 новозаразени со коронавирусот, а починале 21 пациент
Познатиот албански епидемиолог Илир Алимехмети оцени дека состојбата со ковид-19 во земјата е вон контрола, додавајќи дека заразени граѓани ги преполниле здравствените центри
Државите од регионот бележат пораст на бројот на новозаболени лица со коронавирус, што главно се припишува на опуштањето на граѓаните, непочитување на епидемиолошките мерки, како и новите мутации на вирусот кои се карактеризираат како поинфективни
Србија
Во Србија во последните 24 часа евидентирани се 4 500 новозаразени со коронавирусот, а починале 21 пациент. Тестирани биле на 16 илјади граѓани. Ковид-центрите во оваа земја се полнат, а на респираторна машина се приклучени 212 пациенти. Во Србија продолжува масовната вакцинација против ковид-19, но паралелно растат и бројките на новозаразени, што здравтвените власти ги припишуваат на непочитувањето на мерките и зголемениот број на домашни и приватни собирања и забави. Изминатиот викенд, во Србија беа воведени рестриктивни мерки, со забрана за движење, а не се исклучува можноста тие и да продолжат во следниов период. Кризниот штаб за утре најави седница на која ќе ги предложи новите мерки.
Бугарија
Во последното деноноќие се тестирале 17 193, од кои 3 502 или 20,4 проценти биле позитивни на вирусот, најмногу во Софија 882 лица. Пријавени се 138 смртни случаи. Во Софија се заоструваат мерки и од петок 12 март сите ученици од основно училиште преминуваат на онлајн настава. Работното време на продавниците, хотелите и фитнес центри ќе работат до 22 часот. Мерките ќе важат до 26 март. Доколку продолжи зголемувањето на бројот на новозаразени ќе се преиспитуваат мерките и за трговските центри.
Косово
Бројката на активни носители на коронавирусот во Косово за првпат надмина 10 илјади и вклучително новозаболените 529, бројката моментно изнесува 10 091, јави МИА од Приштина.
Во денешниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово се наведува и дека во текот на вчерашниот ден починале шестмина од заболените, со што бројот на жртви на пандемијата од нејзината појава пред една година достигна до 1 674.
Последните недели во Косово се забележува пораст на бројот на новозаболени од овид-19, кој секојдневно изнесува меѓу 500 и 600, што, според здравствените власти, е последица на непочитувањето на мерките за спречување на ширењето на пандемијата.
Албанија
Познатиот албански епидемиолог Илир Алимехмети оцени дека состојбата со ковид-19 во земјата е вон контрола, додавајќи дека заразени граѓани ги преполниле здравствените центри, болниците, а се движат и по улиците иако се заразени.
„Ние сме последни како земја во Европа за тестирање. Само со зголемување на тестирањата на дневно ниво за неколкупати ќе се прекине синџирот на инфекции. Досега преземените мерки, како воопшто да не постојат. Состојбата е многу проблематична во повеќе окрузи. На пример во округот Фиер од тројца тестирани двајца се позитивни а во Валона секој втор тестиран“,
рече Алимехмети за Топ Чанел.
Минстертвото за здравство на Албанија информираше дека се регистррани нови 629 случаи од направените 2 021 тестови, што е над 31 отсто од тестираните.