Според информациите, земјотресот е регистриран во 6 часот и 4 минути, со епицентар кој потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Грција, 125 километри јужно од Скопје
Земјотрес со јачина од 3,4 степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран во соседна Грција, а во близина на границата со Северна Македонија.

Потресот, како што информираа од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, бил почувствуван во Битола и околината со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала.
Според информациите од Опсерваторија, земјотресот е регистриран во 6 часот и 4 минути, со епицентар кој потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Грција, 125 километри јужно од Скопје.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, велат податоците објавени на веб-страницата на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Засега нема информации за евентуално предизвикани штети.
Пред два дена, односно на 26 март, земјотрес со јачина од 3,2 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина Елбасан, во Албанија, а беше почувствуван и во југозападните делови на земјава, особено во Охридско-струшкиот регион.