Најголемиот дел од хоспитализираните се возрасни лица со хронични болести, главно од Скопје и еден пациент од Росоман. Последниот нов случај е примен на 25 септември

Седумдесетгодишен пациент од скопската општина Аеродром почина во текот на викендот на Клиниката за инфективни болести од компликации предизвикани од западнонилската треска, информира денеска директорот на установата, д-р Фадил Цана. Пациентот, кој имал повеќе заболувања, 57 дена бил хоспитализиран на Одделот за интензивна нега.
Според Цана, на Инфективната клиника во моментот се лекуваат седум пациенти инфицирани со вирусот, од кои двајца се со потешка клиничка слика и се префрлени на интензивна нега.
„Тие се нови пациенти на кои им се влошила клиничката слика и се префрлени на Оделот за интензивна нега. Еден од пациентите е од поновите хоспитализирани, кој од приемот е со потешка клиничка слика“,
вели д-р Цана.
Најголемиот дел од хоспитализираните се возрасни лица со хронични болести, главно од Скопје и еден пациент од Росоман. Последниот нов случај е примен на 25 септември.
Д-р Цана истакна дека стапката на смртност во земјава е во рамките на светскиот просек и е споредлива со земјите од регионот, како Грција и Италија. Тој апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита кои ги издаваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.
Според податоците, досега на Инфективната клиника се регистрирани вкупно 67 пациенти со невроинвазивна форма на западнонилска треска. Од нив, 50 се излекувани, 10 починале, а седум во моментот се во оваа јавна здравствена установа.
