„Македонија веќе одамна го следи ритамот на пазарите во светот, но е небитен играч, а и онака објективно храната во изминатиот период сè повеќе доаѓа од надвор и тоа е поклучно прашање кое треба да се поразговара. Македонија има сè помалку производство, а сè повеќе увоз на храна“, вели Пешев
Во овој период нема индикатори кои укажуваат на нов ценовен бран, велат од Стопанската комора.
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев околу промените на цените на нафтата во светски рамки и можноста тие да повлечат евентуални нови поскапувања, вели дека засега нема индикатори кои говорат во тој правец.
Според него, она што е многу поважно е тоа што земјава сè помалку произведува храна, а увозот се зголемува.
„Во овој момент нема индикатори кои говорат во тој правец. Битно е дека за разлика од минатите бранови, државните резерви на САД се на највисоко ниво. Македонија веќе одамна го следи ритамот на пазарите во светот, но е небитен играч, а и онака објективно храната во изминатиот период сè повеќе доаѓа од надвор и тоа е поклучно прашање кое треба да се поразговара. Македонија има сè помалку производство, а сè повеќе увоз на храна“,
вели Пешев.
Во тој сегмент, додава Пешев, цената на нафтата би имала значење.
„Ако се работи за увоз на храна, тогаш ја делиме судбината на регионот. Обично храната, дури лани доаѓаше од Египет, не верувам дека и оваа година, а се дистрибуираше низ целиот Балкан, што е апсолутно генерален принцип на снабдување во регионот и мислам дека за ова новата влада ќе треба да направи доста“,
додаде Пешев.
Во врска со вчерашниот изборен ден, Пешев рече дека се радува на тоа да види какви ќе бидат првите потези што ќе бидат преземени.
„Се наоѓаме пред политичка промена во управувањето со државата. Сигурно ќе има промени. Се радувам на тоа да видам какви ќе бидат првите потези на некоја нова влада ако се формира. Треба да нè радува дека имавме мирен изборен ден. Излезноста не беше огромна, но, сепак, се работеше само за претседателски избори. Очекувам излезноста на 8 мај да биде поголема. Важно е дека сите позначајни политички партии беа во Стопанската комора, добро подготвени, со економски програми, некои подобри. Ги искомунициравме пред да дојдат на власт. За нас беше пријатно сознание дека сакаат да слушаат тоа што имаме да кажеме“,
рече Пешев.
Она што не сакаме да се повтори, додаде тој, е ништо да не видиме од тоа што сме го договориле.
„Овојпат се надевам дека ќе биде таква добитната комбинација која ќе излезе од парламентарните избори особено, зашто таа ни е посебно битна – она што сме го договориле, па макар и не било 100 отсто во интересите на економијата, да се спроведе доследно и да биде предвидливо за да можат компаниите да го прилагодат своето функционирање на новите услови“,
додаде Пешев.