Градоначалникот на Краматорск изјавил дека бројот на загинати се искачил на 40 лица, меѓу кои 10 се деца, пренесе Би-би-си
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини руските сили дека намерно нападнале цивили откако во рускиот ракетен напад на железничка станица во Краматорск во источна Украина се убиени најмалку 40 луѓе, а повредени се околу 100 лица.
„Во недостиг на сила и храброст да ни се спротивстават на бојното поле, цинично уништуваат цивилно население. Ова е зло кое нема граници. Доколку не се казни, никогаш нема да престане“,
посочил Зеленски во соопштение.
Зеленски, исто така, во видео обраќање во финскиот парламент објаснил дека украинските војници не се наоѓале на тоа место во моментот на нападот.
Градоначалникот на Краматорск, Олександер Хончаренко, изјавил дека за време на нападот имало 4 000 луѓе на железничката станица, при што бројот на загинати се искачил на 40, меѓу кои и 10 деца, пренесува Би-би-си.
Павло Кириленко, гувернер на источниот украински регион Донецк, ги обвини руските сили за употреба на касетна муниција при нападот на железничката станица, пишува Ројтерс.
Како што изјавил, „руските фашисти добро знаат кого напаѓаат и што сакаат“. Потенцирал и дека Русите искористиле проектили со касетна муниција која е направена против луѓе.
„Ова е апсолутна потврда дека овој напад бил наменет против цивилното население“,
изјавил тој.