Според украинските извештаи, во овој напад загинале над 30, а повредени се околу 100 лица
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека не извршиле напад врз железничка станица во источна Украина, во градот Краматорск, за кој претходно украинските власти пишуваа дека се убиени најмалку 30 луѓе.
„Сите изјави на претставниците на националистичкиот режим во Киев за ‘ракетниот напад’ наводно извршен од Русија на 8 април на железничката станица во градот Краматорск се провокација и се апсолутно невистинити. Потенцираме дека тактички проектили ‘Точка-У’, чии делови беа пронајдени во близина на железничката станица Краматорск и објавени од очевидци, ги користат само украинските вооружени сили“,
се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Оттаму тврдат дека Украинците со слична ракета извршиле напад на Донецк и на 14 март.
„На 14 март 2022 година, дивизија на 19-та одделна ракетна бригада на Вооружените сили на Украина го нападна центарот на Донецк со слична ракета ‘Точка-У’, при што загинаа 17 лица на самото место, а беа повредени уште 36 цивили“,
тврди руското Министерство за одбрана.
Локалните власти во Краматорск, пак, соопштија дека при гранатирањето на железничката станица присутни биле околу 4 000 луѓе, од кои повеќето биле деца, жени и постари лица, а според извештаите на медиумите има најмалку 30 жртви и над 100 повредени.
Украинското министерство за одбрана обвини дека нападот е извршен со руски ракети.