Украинскиот претседател Володимир Зеленски им понуди гаранции на руските војници кои ќе им се предадат на украинските сили. Тој исто така ги повика Русите да ја избегнуваат воената мобилизација, која се спроведува во нивната земја.
Во синоќешниот говор, Зеленски им понуди гаранции на Русите кои биле заробени додека се бореле во Украина.
„Украина гарантира три работи за секој руски војник кој ќе се предаде. Прво, ќе ве третираат на цивилизиран начин, во согласност со сите конвенции. Второ, никој нема да ги знае околностите на вашето предавање, никој во Русија нема да знае дека вашето предавање било доброволно. И трето, ако се плашите да се вратите во Русија и не сакате размена, ќе најдеме начин да го гарантираме тоа“,
рече Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека делумната мобилизација на Русија е злосторство, кое има за цел да ги поддржи руските сили кои се борат во Украина, по неиспровоцираната инвазија на Москва во февруари и неодамна претрпените големи воени неуспеси во источна Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера ги потпиша законските измени со кои се заострени казните за Русите кои доброволно се предаваат или одбиваат да се борат, со што овие дејствија се казнуваат до 10 години затвор.