Молскавичниот напредок на Украина во ослободувањето на територијата од руските сили на истокот од земјата во саботата се претвори во борби забавени од рускиот отпор и временските услови.
Во градот Купјанск, на првата линија на фронтот, се слуша постојано гранатирање, а од другата страна на реката Оскил, која се уште ги разделува украинските и руските сили, се издига црн чад. Дождот ја отежнува употребата на тешко оружје.

„Можеме да користиме само асфалтирани патишта. Во моментов, поради отежнатото движење поради временските услови ги гаѓаме нивните оклопни возила, складишта за оружје и групи војници“,
изјави за агенцијата Франс прес, украинскиот наредник Роман Малина.
Украинскиот воен администратор на Купјанск, Андриј Канашевич, вели дека на армијата и требаат до десет дена за целосно да ја обезбеди областа.
Поголемиот дел од Купјанск, клучниот железнички центар што го користи Русија за снабдување на своите војници на јужниот фронт од Доњецк, падна под украинска контрола по контраофанзивата што започна на почетокот на овој месец. Но, мал дел од Харковската област на источната страна на реката Оскил останува под руска контрола и ја спречува Украина да напредува кон регионот Луганск.
Украинската војска рано во неделата соопшти дека руските сили извршиле десетици ракетни и воздушни напади врз воени и цивилни цели, вклучително и 35 „населби“ во изминатите 24 часа. Русија негира дека целела на цивили.
Руската државна новинска агенција РИА, повикувајќи се на неидентификувани извори, претходно објави дека украинските сили гранатирале житница и складишта за вештачко ѓубриво. Ројтерс не беше во можност независно да ги потврди тврдењата на ниту едната страна.
Во своето синоќешно обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека нема да дозволат окупаторите да останат неказнети. Ќе ја ослободиме целата земја – од Херсон до Луганск, од Крим до Доњецк и секој убиец ќе одговара за се што и направија на Украина, рече Зеленски, како одговор на референдумите што се одвиваат во четири региони за припојување кон Русија.