Коларевиќ наведе дека поранешниот генсек на Владата се гони за склучување два договора во четири очи за консултантски услуги – едниот за определување модел за реструктуирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“
Со задоцнување од 20 минути, утрово во Основниот кривичен суд Скопје започна судењето на поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Причината за пролонгирањето се дојавите за бомби што утрово стигаа во повеќе училишта во Скопје, од кои во едно учи детето на обвинителката Катерина Коларевиќ.
По пристигнувањето на обвинителката, судскиот процес започна со воведните зборови на Коларевиќ која наведе дека во текот на истрагата прибрани се материјални докази, вештачење и искази од сведоци со кои верува дека ќе ја докаже вината на Зеќири.
На самиот почеток Коларевиќ наведе дека поранешниот генсек на Владата се гони за склучување два договора во четири очи за консултантски услуги – едниот за определување модел за реструктуирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
„Обвинителството ќе докаже дека иако обвинетиот како генерален секретар со заклучок на Владата бил задолжен да спроведе постапка во рамките на која ќе се ангажира фирма, консултантска куќа, која ќе го даде предлог-моделот за реструктуирање на АД ‘Пошта’, тоа не значи дека Владата го ослободила од неговата одговорност да ги почитува законите, односно со ваквиот заклучок Владата не му дала одврзани раце да склучува договори во четири очи со правни лица за кој истиот мислел дека се компетентни”,
рече Коларевиќ.
Ќе докажеме, продолжи обвинителката, дека една од фирмите „Интер холдинг“ е основана непосредно пред Зеќири да го склучи договорот со неа, и не извршувала никаква дејност. Потоа, таа се осврна на Законот за јавни набавки, кој според обвинителството го прекршил Зеќири, а за кој нагласи е донесен токму за да биде транспарентно трошењето на државните пари.
„Основните принципи што ги предвидува самиот Закон за јавни набавки, а тоа се и принципите поради кој е донесен самиот законот, е токму постоењето конкуренција помеѓу економските оператори, нивниот еднаков третман, непостоењето дискриминација, постоење транспарентна постапка во која се доделуваат државните пари, а со цел ефикасно искористување на ваквите државни пари. Самата актуелност на темата поврзана со јавните набавки во изминатите години се должи на потребата на самите граѓани да знаат на кој начин се трошат државните пари односно на кој начин се врши распределбата. Одбегнувањето на спроведување на постапка за јавни набавки за исплаќање износи од државниот буџет се коси со самите цели на јавните набавки како постапки предвидени со закон кои треба да доведат до постоење дисциплина во јавните финансии”,
рече обвинителката.
Воведните зборови таа ги заврши со порака дека како носител на јавна функција, тој требало да биде симбол за извршување на функцијата со интегритет.
„Во конкретниот случај станува збор за обвинето лице кое во моментот на вршење на кривичното дело било вршител на јавна и именувана функција како генерален секретар на Владата од кои државата и граѓаните бараат голем степен на професионалност и стручност во неговото постапување односно бараат ваквата функција да претставува симбол на личност која јавната функција ќе ја извршува пред се со интегритет”,
рече Коларевиќ.
Обвинителката посочи дека во истрагата што ја видела во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се осомничени и двајца хрватски државјани, но за нив истражната постапка во моментов е во прекин поради нивната недостапноста на органите на прогонот.
Коларевиќ во воведните зборови не ја спомена сумата за која е оштетен буџетот, но според она што е познато од досега објавените соопштенија од Обвинителството, се тврди дека државната каса била оштетена за вкупно 89 385 255 денари (околу 1 453 418 евра).
Судскиот процес го води судечки совет на чело со судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска. Закажувањето на првото рочиште за овој судски процес следува откако на 4 октомври годинава Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение, а на 1 ноември Основниот кривичен суд Скопје го прифати.