Одбраната ги бара за сведоци актуелните функционери бидејќи се членови на економскиот тим на Владата и се запознаени со она што е работено. Со тоа, сака да ги побие тврдењата дека договорите за кои се гони поранешниот генсек се потпишувани во четири очи

Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, заедно со својот адвокатски тим до Основниот кривичен суд Скопје, доставил предлог за сведоци на одбраната во текот на процесот каде што тој е обвинет да бидат повикани актуелниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и поранешниот директор на „Пошта“, Јани Макрадули.
Предлог за тие да се додадат на листата сведоци, покрај претходно предложените, до судот бил поднесен вчера пред денешниот старт на судскиот процес каде што Зеќири е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување во однос на склучување, без јавна набавка, на два договори за консултантски услуги – едниот за определување модел за реструктуирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
За актуелните функционери, посочија адвокатите на Зеќири, се бара да сведочат бидејќи тие се членови на економскиот тим на Владата и се запознаени со она што е работено. Со тоа сакаат да ги побијат тврдењата дека договорите се потпишувани во четири очи.
Обвинителката Катерина Коларевиќ, пак, која во воведните зборови наведе дека иако Зеќири имал задолжение од Влада за овие постапки тоа не значи дека му дале одврзани раце да склучува договори во четири очи, односно без јавна набавка.
„Обвинителството ќе докаже дека иако обвинетиот како генерален секретар со заклучок на Владата бил задолжен да спроведе постапка во рамките на која ќе се ангажира фирма, консултантска куќа, која ќе го даде предлог-моделот за реструктурирање на АД ’Пошта‘, тоа не значи дека Владата го ослободила од неговата одговорност да ги почитува законите, односно со ваквиот заклучок Владата не му дала одврзани раце да склучува договори во четири очи со правни лица за кој истиот мислел дека се компетентни“,
рече Коларевиќ.
Адвокатот Мирослав Вујиќ, пак, смета дека за консултантските услуги не требало да има тендер.
„Дали вие треба да имате тендер за консултантски услуги со адвокат?! Сосема е исто, консултантски услуги со реномирана компанија која е стручна во тој дел, ваш е изборот со кого ќе се консултирате и за тоа нешто не е потребна јавна набавка“,
изјави Вујиќ одговарајќи на новинарски прашања по рочиштето.
Денешното судско рочиште е прво во овој судски процес и на него и обвинителката и одбраната ги дадоа воведните зборови, а Зеќири се изјасни дека не се чувствува виновен. Исто така, денеска Коларевиќ изведе и најголем дел од материјалите докази што ги предлага обвинителството, па на наредното рочиште, меѓу другото, треба да се испита вештак кој го изготвил вештачењето за потребите на обвинителството. По изведувањето на доказите и сослушувањето на сведоците од обвинителството, ќе се продолжи со докази и сведоци на одбраната. Следното судско рочиште треба да се одржи на крајот на јануари.