Засега нема точни податоци за тоа колку од пациентите што биле позитивни на тестовите направени во Систина, се потврдени како позитивни на коронавирусот и од Институтот за јавно здравје.
Ова беше одговорот на заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, на новинарско прашање поставено на денешната прес-конференција во Владата. Тој рече дека информациите се во изработка и дека дополнително ќе ги соопштат сите статистички податоци.
„Тестовите што се направени во ‘Систина’ и се базирани врз детекција на антитела, ќе се повторат во Институтот за јавно здравје каде ќе се детектира присуство на вирусот односно антиген“,
рече Арслани.
Министерот за здравство, Венко Филипче, и неговиот заменик, Арменд Арслани, повторија дека тестовите кои се прават во „Систина“ детектираат антитела, а не и присуство на вирусот. Затоа, секој тест што е направен таму мора да се повтори во Институтот за јавно здравје.
За пациентите кои ги прават тестовите во приваните клиники и притоа чекаат повторување или потврдување на резултатите од Институтот за јавно здравје, препораката е да се придржуваат до мерката за самоизолација.
Во текот на вчерашниот ден беше објавена информација дека од вкупно 327 лица кои се тестирале во „Систина“, дури 54 лица се позитивни.
Подоцна, Министерството за здравство образложи дека тамошните тестови се различни и тие не го детектираат директно присуството на коронавирусот кај пациентите.
„Тестовите кои ги користи приватната клиника ‘Систина’ се различен тип од тестовите на сите останати институции. Имено, тие тестови го детектираат присуството на антитела на вирусот ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус. За позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на антитела кои ги прави ‘Систина’, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во ИЈЗ, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во Министерството“,
соопштија од Министерството за здравство.
Министерот за здравство, Венко Филипче, и денеска апелираше до граѓаните да се информираат исклучиво од податоците објавени од надлежните институции.