Тестовите кои се прават во приватната болница „Систина“ се различни и тие не го детектираат директно присуството на коронавирусот кај пациентите, велат од Министерството за здравство (МЗ).
„Тестовите кои ги користи приватната клиника ‘Систина’ се различен тип од тестовите на сите останати институции. Имено, тие тестови го детектираат присуството на антитела на вирусот ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус. За позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на антитела кои ги прави ‘Систина’, задолжително треба да направат тест за присуство на вирусот во ИЈЗ, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во Министерството“,
пишува во објаснувањето од Министерството за здравство.
Здравствените власти излегоа со вакво објаснување откако вечерва во јавноста се појавија информации дека само денеска во приватната болница „Систина“ позитивни на тестот за коронавирус биле 54 пациенти.