Министерот за здравство потврди дека од утре почнува вакцинација против ковид-19 со трета доза, а за најавениот скрининг во училиштата рече дека очекува да почне за две седмици
Граѓаните над 60 години, здравствените работници и лица со имунолошки болести, со потврда, од утре ќе можат да примат трета доза вакцина против ковид -19, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Граѓаните над 60 години, согласно временскиот период после примената втора доза на вакцина, ќе добијат порака да се вакцинираат. Таа порака ќе биде потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, туку дека може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата ‘Борис Трајковски’,во сите други поликлиники тука во Скопје и ширум државата“,
рече Филипче.
Тој исто така посочи дека процесот на скрининг во училиштата ќе почне најверојатно за две недели.
„Ќе почнеме со обезбедување согласност од родителите и понатаму ќе ја презентираме и методологијата. Јас верувам дека во текот на следнава недела ќе заврши подготовката и дека од таа недела потоа ќе го започнеме процесот на тестирање. Сакам да кажам дека целта е да се откријат евентуални асимптоматски носители на вирусот, знаејќи дека децата се најчестите асимптоматски преносители“,
рече Филипче.