Гласаа сите 29 лица на кои им беше одобрено барањето. Добивме 32 барања, но три беа одбиени, бидејќи лицата не беа запишани во единствениот избирачки список, изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија
Во општина Центар Жупа денеска, ден пред утрешното гласање за градоначалник, во домашни услови правото на глас го остварија 29 болни и немоќни лица.
„Гласаа сите 29 лица на кои им беше одобрено барањето. Добивме 32 барања, но три беа одбиени, бидејќи лицата не беа запишани во единствениот избирачки список“,
изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.
Оценува дека денешното гласање и распределбата на изборниот материјал минале без никаков проблем.
Утре во Центар Жупа ќе се гласа на 16 избирачки места, а правото на глас треба да го остварат 7.154 лица, или 77 гласачи повеќе од предвремените избори во април, додека пак споредено со редовните локални избори од октомври минатата година има 163 гласачи помалку.
На гласачкото ливче се наоѓа само еден кандидат.
Освен во Ценар Жупа, денеска започна гласањето за изборите за градоначалник и во Маврово-Ростуше и за членови на Советот на општина Тетово.
Правото на глас денеска го остваруваат и 94 гласачи кои се издржување казна затвор или се во притвор во некоја од казнено-поправните установи, и тоа во КПД Идризово 56 гласачи, во Затвор Тетово 23 гласачи, во КПД Штип двајца гласачи, во Затвор Струга еден гласач и во Затвор Скопје – Шуто Оризари 12 гласачи.
Гласачките места во казнено поправните установи се отворени на време и гласањето тече без проблеми.
Гласањето во овие три општини ќе се одива утре на 172 избирачки места, коишто треба да бидат отворени во 7 часот, а ќе се затворат во 19:00 часот. Во Маврово и Ростуше се гласа на 39 избирачки места, во Центар Жупа на 16, а во Тетово на 117 избирачки места.