Гласањето во овие три општини ќе се одива утре на 172 избирачки места, коишто треба да бидат отворени во 7 часот, а ќе се затворат во 19:00 часот
Денеска започна гласањето за изборите за градоначалници на општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на општина Тетово.
Како што информира Државната изборна комисија (ДИК), 93 лица кои се пријавиле како болни или немоќни, денеска гласаат во своите домови. Од нив 29 во Центар Жупа, 40 во Маврово и Ростуше и 24 во Тетово.
Правото на глас денеска го остваруваат и 94 гласачи кои се издржување казна затвор или се во притвор во некоја од казнено-поправните установи, и тоа во КПД Идризово 56 гласачи, во Затвор Тетово 23 гласачи, во КПД Штип двајца гласачи, во Затвор Струга еден гласач и во Затвор Скопје – Шуто Оризари 12 гласачи.
Гласачките места во казнено поправните установи се отворени на време и гласањето тече без проблеми.
Гласањето во овие три општини ќе се одива утре на 172 избирачки места, коишто треба да бидат отворени во 7 часот, а ќе се затворат во 19:00 часот. Во Маврово и Ростуше се гласа на 39 избирачки места, во Центар Жупа на 16, а во Тетово на 117 избирачки места.
На утрешните локални избори за градоначалник во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа и за советници во Тетово право на глас имаат вкупно 101 174 гласачи. Во Тетово во Избирачкиот список се запишани 84 072 избирачи, во Маврово-Ростуше 7 154 и во Центар Жупа 9 948.
На овие избори во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник, додека во Маврово и Ростуше има двајца кандидати за градоначалник.
За изборите за градоначалник да бидат успешни, потребно е на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните избирачи, и мнозинството да гласа за еден од кандидатите. Во овие две општини гласањето се повторува поради недоволна излезност на гласачите на претходното гласање.
Во Тетово на гласачкото ливче ќе има 13 листи на кандидати за членови на Советот на општината. Мандатите ќе бидат распределени според бројот на добиени гласови користејќи ја Д’Хонтовата формула.
Овие избори ќе ги следат 49 акредитирани набљудувачи од една домашна и една странска организација.