За претседателското место во СДСМ официјално досега нема пријавени, но неколкумина членови на партијата веќе најавија дека би можеле да се кандидираат. Славјанка Петровска вчера и официјално потврди дека ќе се кандидира за наследник на Димитар Ковачевски. Освен Петровска, кандидатура за иден лидер на СДСМ најави и Јован Деспотовски, речиси извесна е и кандидатура на ексминистерот за здравство Венко Филипче, а такви амбиции во јавноста покажа и Стефан Богоев

Почнувајќи од денеска, па во наредните седум дена, трае отворениот повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на СДСМ за вонредните избори, како и правилникот за начинот и постапката за активна регистрација за членови на СДСМ се усвоени на вчерашната седница на Централниот одбор на партијата.
Право на кандидатура, како што информираат во денешното соопштение од СДСМ, имаат сите членови на партијата кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми.
За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш да бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата.
Вонредните внатрепартиски избори ќе се одржат на 30 јуни 2024 година. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат преку две опции – преку онлајн алатката за активна регистрација која ќе биде достапна на интернет страницата на СДСМ во понеделник 3 јуни или втората опција преку општинските организации на СДСМ.
Периодот за активната регистрација, како што велат од партијата, e зголемен и изнесува 20 дена.
Во денешното партиско соопштение се додава дека деталите околу постапката се содржани во Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на СДСМ, а сите документи од денеска ќе бидат јавно достапни на официјалната интернет-страница на партијата (www.sdsm.org.mk).
Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво.
Со одлука на Централниот одбор за 9 јуни е закажан Конгрес на СДСМ. Покрај анализите на причините за изборниот резултат Централниот одбор предлага и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.
За претседателското место во СДСМ официјално досега нема пријавени, но неколкумина членови на партијата веќе најавија дека би можеле да се кандидираат. Славјанка Петровска, пратеничка и доскорешна министерка за одбрана вчера и официјално потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ откако неколку пати изминатите две недели во медиумите посочуваше дека размислува да влезе во трката за наследник на Димитар Ковачевски.
Освен Петровска, кандидатура за иден лидер на СДСМ најави и Јован Деспотовски, актуелниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), а речиси извесна е и кандидатура на ексминистерот за здравство Венко Филипче. Такви амбиции во јавноста покажа и Стефан Богоев, актуелен директор на Царинската управа, но тој не потврди дека ќе се кандидира.
Внатрепартиските вонредни избори за претседател на СДСМ доаѓаат откако Димитар Ковачевски, по парламентарните избори на 8 мај официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција во партијата.
Покрај лидерот, оставки од функциите имаат поднесено и членовите на Извршниот одбор, раководството на СДСМ, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организацискиот секретар и секретарот за меѓународна соработка.
Откако Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција, сите претседатели на Општинските организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.