Со оние здруженија што нема да го почитуваат законот и нема да се усогласат согласно законските одредби во предвидениот рок ќе постапува Централниот регистар согласно законот. Тоа важи во сите области во државата, посочува премиерот

Здруженијата на граѓани што нема да го почитуваат законот, согласно одлуките на Комисијата, со нив ќе се постапува од страна на Централниот регистар. Законот за здруженија на граѓани не е само за еден тип здруженија на граѓани, туку за сите здруженија на граѓани што треба да ги исполнат условите. Тоа важи во сите области во државата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски прашан за тоа кој е неговиот и ставот на Владата околу имињата на бугарските клубови и дали очекува тие да бидат сменети.
Ковачевски нагласи дека ставот на Владата и неговиот личен став е многу јасен.
„Во Македонија владеат закони еднакви за сите. Прво, се работи за Закон за здруженија на граѓани не само за еден тип здруженија на граѓани, туку за сите здруженија на граѓани коишто треба да ги исполнат условите согласно со Законот којшто е донесен во Собранието. Оние здруженија коишто нема да го почитуваат законот и коишто нема да се усогласат согласно со законските одредби во предвидениот рок, а согласно со одлуките на Комисијата предвидена со закон, тогаш ќе се постапува со нив од страна на Централниот регистар согласно со законот. Тоа важи во сите области во државата“,
изјави Ковачевски по посетата на фабриката „Гересхајмер“ во ТИРЗ 2.
Оние здруженија што се усогласени со Законот или оние здруженија што не се усогласени, а ќе го искористат периодот за усогласување даден според закон и ќе се усогласат тогаш, како што нагласи Ковачевски, тие ќе продолжат да функционираат.
„Тоа важи во сите области во државата. Не може да има исклучоци во применувањето на некој закон во една област. Законите во оваа држава важат за сите без исклучок исто како што во друга држава важат законите за секого без исклучок“,
одговори Ковачевски.
Од Централниот регистар, согласно новите измени на Законот за здруженија и фондации, го имаат доставено целиот список на здруженија кои се регистрирани во Централниот регистар до Министерството за правда каде што ќе треба комисијата да се изјасни за спорните имиња на некои од здруженијата и понатаму да даде позитивно или негативно мислење, по што министерот за правда ќе донесе решение дали тоа здружение ќе треба да се згасне, односно да се избрише или да продолжи со својата работа.
На списокот испратен до Министерството за правда се наоѓаат 17 000 организации.
Собранието на почетокот на ноември минатата година ги усвои измените на Законот за здруженија и фондации според кои се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл.
Законот за здруженија и фондации предвидува дека одобрение за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.
Законските измени имаат и ретроактивно значење, односно предвидуваат дека сите досега формирани организации, здруженија, фондации, сојузи итн., имаат рок од три месеци да го усогласат своето име или назив согласно законските прописи.