Серафимовски информира дека досега од Европската Унија се обезбедени 450 000 вакцини против сипаници кај овците и козите и дека е добиена дозвола за нивна употреба. Министерот најави дека во текот на следната недела ресорното министерство ќе одржи средба со претставниците на сточарите за да се договорат наредните чекори и можноста за спроведување вакцинација на добитокот
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, вели дека е изготвена методологија за обесштетување за сточарите чии овци изминатиот период угигаа поради сипаници. Досега, како што рече министерот, бројката на угинати овци се движи кон 10 000 грла.

„Согласно правилата, на истото место најмалку шест месеци нема да може повторно да се чува добиток. Така што, ние ќе гледаме максимално што можеме да извршиме исплата кон сточарите за да може да се подготват за повторно набавување нови овци“,
изјави денеска министерот.
Тој информира дека досега од Европската Унија се обезбедени 450 000 вакцини против сипаници кај овците и козите и дека е добиена дозвола за нивна употреба. Во оваа смисла Серафимовски најави дека во текот на следната недела ресорното министерство ќе одржи средба со претставниците на сточарите за да се договорат наредните чекори и можноста за спроведување вакцинација на добитокот.
Министерот оцени дека состојбата со сипаниците кај овците се стабилизира и дека засега ширењето е ограничено на Источниот Регион, кој е еден од најпогодените. Додава оти сточарите постапуваат согласно сите пропишаните мерки, односно ги изолираат стадата, поради што се намалува бројот на заболени грла
„Во координација со сточарите ќе се разгледуваат следните чекори со справувањето на болеста и ќе ја разгледаме можноста за вакцинација на добитокот во согласност со препораките на европските експерти“,
изјави министерот.
