Доцна вечерва се закажаа двете седниците на Комисијата за европски прашања и на Законодавно-правната комисија, на кои треба да поминат предлог-законот за јавно обвинителство и измените на Законот за Совет на јавни обвинители.
„За 11 февруари (вторник) 2020 година, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Артан Груби, ја закажа седницата на Комисијата за европски прашања, на чиј дневен ред се Законот за јавното обвинителство и Законот за изменување и дополнување на Советот на јавни обвинители на Република Македонија“,
пишува во соопштението испратено од Комисијата за европски прашања.
Оваа седница е закажана за во 10 часот, а за половина час подоцна – во 10:30, според календарот на официјалната страница на Собранието, е предвидена седницата на Законодавно-правната комисија чија претседателка е пратеничката Соња Мираковска.
Закажувањето следува откако Собранието доцна вечерва изгласа предлог законот за ЈО и измените на Законот за Совет на јавни обвинители да се носат по скратена постапка, а претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери побара од претседателите на двете комисии да закажат седници.
Бидејќи станува збор за законски решенија во скратена постапка и со европско знаменце, комисиската расправа може да трае до два дена. Тоа би значело дека уште во среда претседателот на Собранието може да закаже продолжение на пленарната седница на која ќе треба да се изгласа Законот за јавно обвинителство и измените на Законот за Совет на јавни обвинители.
*Поврзани вести:
Повеќе од два часа доцни собраниската седница за законот за јавно обвинителство
Дескоска: Немаше координации, ги исправивме само техничките грешки
(ФОТО) Што е разликата меѓу новите и повлечените закони за ЈО и за Советот на јавни обвинители
Собранието изгласа законите за ЈО и за Совет на обвинители да се носат по скратена постапка