Партиите во власта играат топло-ладно, изгледа суштината на крај е да се погази законот, вели Владо Мисајловски
Нема напредок во разговорите за Изборниот законик, соопшти денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој фрли сомнеж дека партиите од власта си играат топло-ладно со цел да не се набават апарати за скенирање отпечатоци од прсти кои би требало да се користат на претстојните локални избори.
„Можам јавно да кажам дека нема, поради тоа што мислам дека партиите во власта играат топло-ладно или еден ден можеби сакаат нешто да помине, друг ден гледаме друга партија од коалицијата не сака да помине, и тоа е еден договор меѓу нив. Изгледа суштината на крај е да се погази законот каде што знаете дека мора да се набават апарати за отпечаток од прст, кои за овие локални избори треба да се набават за секој граѓанин да гласа“,
изјави Мисајловски.
Тој обвини дека, доколку партиите од власта се обидат да не се реализира намерата да се набават апаратите, тоа би значело дека сакаат да ги наместат изборите.
„Тоа е веќе ставено во законот и секој обид на СДСМ на ДУИ и на другите партии во власта што ќе пробаат да го тргнат ова од законот тогаш тие одат директно во нов политички проблем. Ние нема да дозволиме, но еве и апел до работните групи да седнат да се договорат, бидејќи тоа не е некој договор што ВМРО-ДПМНЕ го бара, туку тоа е договорено претходно и веќе стои во законот“,
порача Мисајловски.
Во еден од своите последни јавни настапи, пак, Заев рече дека Владата стои зад определбата да се набават апарати за отпечатоци од прсти и е уверен дека тоа ќе може да се направи во пресрет на локалните избори.
Заев посочуваше дека она што не е договорено е како би се гласало, на пример, во ридско-планинските подрачја или други места каде што би немало интернет и не би можеле да се користат скенерите.
Во однос на Изборниот законик, како теми на разговори на партиите што се наметнуваа, изминатиот период беше и барањето од помалите партии за една изборна единица, зад кое застана и СДСМ, како и отворени листи. ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавуваше дека влегува во преговори и со барање локалните избори да се одржуваат само во еден круг.