Борбата за Македонија, другарки и другари, денеска е борба против нејзина распродажба, за рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт сè ќе стават на распродожба, за туѓи профити и провизии. Борбата за Македонија е борба против воскресување на фашизмот и фашистичките методи на владеење, порача Филипче од маршот во Прилеп по повод 85 години од почетокот на народното востание

СДСМ е наследник на државотворните политики и антифашистичките вредности на партизаните, кои пред 85 години ја започнаа борбата за слободата и македонската државност, кажа партискиот лидер Венко Филипче по денешниот марш во Прилеп по повод 11 Октомври.
„Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот“,
рече Филипче.
Тој истакна дека историската борба за слобода денес продолжува преку демократска борба.
„Таа улога, таа борба бара храброст, истрајност и одговорност. Ние ја имаме храброста, ја имаме решителноста, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните. Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда. Борбата за Македонија денеска е против корупцијата и криминалот на арамиите на власт. Борбата за Македонија денеска е борба за работниците, за подобар стандард, за наставниците, за лекарите, за земјоделците, за младите и пензионерите… Борбата за Македонија, другарки и другари, денеска е борба против нејзина распродажба, за рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт сè ќе стават на распродожба, за туѓи профити и провизии. Борбата за Македонија е борба против воскресување на фашизмот и фашистичките методи на владеење“,
рече Филипче.
Предците се бореа да имаме држава, ние мора да се избориме младите да останат во неа
Тој порача дека денешната генерација има историска одговорност да ја зачува државата, да ја зајакне економски и да обезбеди иднина во која младите ќе останат да живеат во својата татковина, наместо да бидат принудени да ја напуштаат.
„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача“,
рече Филипче.
Тој посочи дека празните училишни клупи и намалениот број првачиња се сериозен аларм за иднината на државата, нагласувајќи дека Македонија не смее да се помири со иселувањето на младите.
Филипче истакна дека иселувањето не смее да стане нормалност и дека секој млад човек треба да има перспектива во сопствената татковина.
Во обраќањето лидерот на СДСМ порача дека борбата за Македонија денес е борба за достоинството на секој граѓанин, за подобар живот, за правда и за европска иднина, нагласувајќи дека СДСМ нема да се откаже од вредностите врз кои е изградена македонската држава.
„Не прифаќаме иселувањето да стане нормалност, затоа што изолацијата не е опција. Не прифаќаме во 21. век да нема чиста вода за пиење. Не прифаќаме власта да нема одговори и никој да нема одговорност. И најмногу од сè, не прифаќаме една цела генерација да поверува дека за неа нема место во сопствената татковина. Затоа што патриотизам е тоа како луѓето живеат денес и што ќе им оставиме на децата утре. И тоа е мерката за успешната политика. И токму затоа денес сакам посебно да им се обратам на младите. Тие што имаат 18, 20, 25 години. Вашата генерација денес има друга битка. Битка за иднината. Ние сме тука да ја водиме за вас и со вас. Затоа, наша следна голема национална задача е заедничка. Европската иднина и европски можности за секое младо момче и девојка тука во Македонија“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ во говорот кажа дека Македонија има свое место во Европа со својот македонски јазик, идентитет и со своето антифашистичко наследство и поглавја со многу борба. Европската интеграција не е проект на СДСМ, туку децениски стремеж, рече Филипче.
„Илинденците се бореа за слобода и ги поставија темелите на борбата. АСНОМците ја втемелија државноста. Генерацијата на независност ја создаде суверена и меѓународно призната Република Макеоднија. Генерацијата за последните десет години го обезбеди нашето членство во НАТО, а на нас и секоја следна генерација и останува обврската да ја продолжи таа историска вертикала, да ја чува и развива државата и да ја носи напред кон Европа“,
рече Филипче.

