Заканувачот Емил Јакимовски доби отказ од Централниот регистар
Вработениот во Централниот регистар Емил Јакимовски, кој викендов упати закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, доби отказ од работното место.
Директорката на оваа институција, Марија Бошковска Јанковски донела решение за прекин на работниот однос поради нарушување на угледот на Централниот регистар.

„Денес 12.01.2020 година (недела) како директор на Централен регистар на Република Северна Македонија донесов решение за престанок на работниот однос на лицето Емил Јакимовски поради суштествени повреди на одредбите од Колективниот договор на Централниот регистар. Имено Емил Јакимовски ги повредил и прекршил одредбите од неговиот Договорот за вработување според кои иако вработениот задолжително треба да го чува, сепак не го чувал угледот на работодавачот и не се воздржувал од сите постапки кои со оглед на природата на работата што ја врши се штетни или ги повредуваат интересите на работодавачот, професионално не се однесувал спрема другите вработени и странките, не ја респектирал хиерархијата и не се однесувал согласно Кодексот на однесување на работодавачот и пропишаните правила за ред и дисциплина кај работодавачот“,
доцна вечерва објави Бошковска Јанковски на нејзиниот Фејсбук профил.
Директорката вчера објави дека и таа лично била мета на закани од Јакимовски, како и други вработени во Централниот регистар за што има и пријави до МВР. Порталот „Фронт лајн“ објави дека и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев деновиве бил изложен на серија закани, навреди и вулгарни напади од ова лице.
Остри осуди за заканите кон двете новинарки и денеска и вчера стигнаа и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) од каде побараа полицијата и обвинителството итно да преземат мерки.
И техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев излезе со изјава во која вели дека тој лично ќе настојува да се расветлат сите закани и насилства кон медиумските работници.
Денеска беше хакирана и Фејсбук – страницата на Централниот регистар од каде објавија дека се сомневаат дека зад тоа стои токму Јакимовски кој ја креирал страницата уште пред 10 години кога бил на Одделението за маркетинг и односи со јавност.
*Поврзани вести:
Јакимовски се заканувал и на уредничка во Алфа, ССНМ реагира
Хакирана фејсбук-страната на Централниот регистар – сомнежи дека хакерот е заканувачот Јакимовски
Чулев: Ќе настојувам да се расветлат сите закани и насилства кон новинарите