Реализицијата на овој проект започна од визијата на „Алказар енерџи“, водечки инвеститор во проекти за обновлива енергија на пазарите во развој. Ветерниот парк – Штип ќе располага со 54 ветерни турбини со капацитет до 400 мегавати. Со тоа, претставува најголемиот ветерен парк во Западен Балкан
Ветерниот парк на „Алказар енерџи“, кој се гради кај Штип, се очекува да биде пуштен во употреба за три години.

Ова е соопштено на денешниот настан со кој се одбележа успешното финансиско затворање на проектот „Ветерен парк – Штип“. Ова го означува преминот на проектот во следна фаза, од неговата реализација, но и е резултат на соработката меѓу инвеститорот со институциите, финансиските и проектниte партнери кои прiдонесоа да се дојде до оваа точка.
Реализицијата на овој проект започна од визијата на „Алказар енерџи“, водечки инвеститор во проекти за обновлива енергија на пазарите во развој. Инвестицијата во ветерниот парк – Штип е повеќе од 500 милиони американски долари. Ќе располага со 54 ветерни турбини со капацитет до 400 мегавати. Со тоа, претставува најголемиот ветерен парк во Западен Балкан.
Даниел Колдерон, коосновач и генерален директор на „Алказар енерџи“, посочи дека денеска се завршува финансиската конструкција за 131 мегават и 21 турбина, со 180 милиони евра инвестиции што се обезбедени од ЕБРД, ИФЦ, „Ерсте банка“ заедно со „Шпаркасе банка“.
„Не можам да го кажам иметот на компанијата изведувач, но можам да кажам дека таква компанија покажува доверба во држава како Македонија“,
додаде тој.
Најави дека кога ќе биде готов, ветерниот парк ќе обезбедува енергија за 148 илјади домаќинства, ќе бидат заштедени 570 илјади тони CО2, а ќе се овозможат околу 300 вработувања.
Завршувањето на финансиската конструкција, како што рече, претставува почеток на убава приказна за проектот почнат уште во 2008 година, за кој во јуни 2024 година, по доаѓањето на новата влада, беше потпишан договорот, со што оцени дека се покажало нејзиното лидерство за спроведување вакви проекти.
„Ова е круна на двегодишната работа тука, ‘Алказар‘ е и ќе остане значаен партнер на Владата“,
посочи тој, најавувајќи дека набргу ќе се затвори и финансиската конструкција за ветерните паркови во Карбинци и Радовиш.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска рече дека ветерниот парк во Штип има значење што ги надминува границите на еден проект и на една инвестиција.
„Нашата задача е ваквите капацитети да ги поврземе со поширока цел, поголема сигурност во снабдувањето, посилна економија и помала изложеност на надворешни енергетски потреси. Не смееме енергетската иднина на Македонија да ја оставиме само на условите што ги создаваат другите, мораме да ја градиме со капацитети што ги создаваме тука“,
додаде таа.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски посочи дека комбинацијата на одржлив транспорт на зелена транзиција ја прави земјата лидер во регионот.
„Ќе продолжиме да го продолжуваме проектот, вложивме многу во изминатиот период. Самото тоа што денеска сме тука, а за три години и ќе го пуштиме овој ветерен парк е најдобар доказ за нашата работа“,
кажа Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека инвестицијата на „Алказар енерџи“ во ветерниот парк на подрачјето на Штип, Радовиш и Карбинци, за чија прва фаза се обезбедени 180 милиони евра, ќе овозможи неколку стотици работни места, изградба на нова патна инфраструктура, како и производство на еден терават-час електрична енергија од обновливи извори.
Кога целата идеја била само на хартија и почнала да се реализира, како што рече тој, малкумина верувале дека денес ќе може да се види градежната механизација и сето она што се гради на потегот меѓу Штип, Радовиш и Карбинци.
Ги посочи идните потенцијали на земјава за инвестиции во енергетиката и потсети на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на бизнис-форумот во 2025 година, дека Балканот може да биде хаб преку кој Европа ќе се снабдува со обновлива енергија.
„Имајќи го предвид развојот на вештачката интелигенција, кој е неповратен процес, во следните 14-15 години Европа ќе има потреба од дополнителни 1 000 терават-часови електрична енергија. Поради тоа, потенцијалот што може да го имаме како држава да инвестираме во производни капацитети, а потоа да произведеме, е еднаков на 24 терават-часови. Кога тоа ќе се помножи со цената на струјата, зборуваме за две милијарди евра годишно бизнис што треба да го зголеми македонскиот БДП и позитивно да придонесе за македонската економија“,
рече тој.
